Охрид, 1. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со бројни настани Општина Охрид и годинава ги одбележува двата Илиндена, 121 година од Илинденското востание и 80 години од Првото заседание на АСНОМ.
Програмата започна вечерва, од 20:30 часот со манифестацијата „Ноќ спроти Илинден“ во селото Велгошти. Беше положено цвеќе пред спомен-обележјето на Илинденците, а се обрати градоначалникот на Општина Охрид, д-р Кирил Пецаков.
– Ноќта спроти Илинден традиционално ја одбележавме во Велгошти. Со пригодна културна – уметничка програма и положување на свежо цвеќе пред споменикот им оддадовме почит на борците за идеалот Македонски. Нека им е вечна славата. Вечна да ни биде Македонија, порача Пецаков.
Се одржа и културно-уметничка програма со настап на учениците од ОУ „Живко Чинго“ од Велгошти, танцов перформанс на МКЦ „Соната“ и настапи и познатата македонска виолинистка Сања Зјделар.
Утре, на денот на празникот настаните ќе започнат од 10:00 часот ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјата на Илинденците во Градскиот парк, а потоа кај „Прентов мост“. Од 10:30 часот во селото Плаќе ќе се одржи историски час, по што е предвидена и културно-уметничка програма. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива