Избор Култура Локална самоуправа Охрид ТОП ВЕСТИ

Ретроспективна изложба на слики од Вангел Наумовски по повод 100 години од неговото раѓање

Охрид, 2. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Како дел од настаните за одбележување на 100 години од неговото раѓање, а во чест на големиот празник Илинден, синоќа се одржа ретроспективна изложба на слики од Вангел Наумовски, со што се одбележаа и 70 години од неговата прва самостојна изложба.

Поздравни говори имаа синот на уметникот, Рубенс Наумовски, градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, како и Јордан Плевнеш.

– Магичноста на уникатната „Охридска порта – Љубица“, синоќа повторно не собра заедно, да искажеме должна почит и да ја одбележиме 100 годишнината од раѓањето на Вангел Наумовски, магот на ликовната уметност и еден од најголемите творци на Охрид и Македонија во 20 век. Чествувањето на великиот Вангел Наумовски со отворањето на ретроспективната изложба на неговите дела, ја покажува нашата сегашна определба, а воедно е и аманет за идните генерации, делото на големиот уметник, засекогаш да биде запаметено во колективната меморија на Охрид и Македонија. Со синоќешното чествување, исполнуваме само мал дел од обврската кон сите великани кои оставиле културен и цивилизациски белег во милениумската историја на Охрид и Македонија, а Вангел Наумовски несомнено е во самиот врв на таа листа на достоенственици. Во оваа прилика сакам да искажам голема благодарност до семејството Наумовски за вонредните напори во подготовката на оваа изложба, со која уште еднаш ни е овозможено да уживаме во безвременската убавина на делата на големиот Вангел Наумовски, истакна во своето обраќање градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

Беа прикажани и инсерти од архивски видео материјали – Кирил Темков со Вангел за Вангел, а музичко интермецо одржа гитаристот Владимир Василевски Четкар.

По традиција, од 1987 година манифестацијата започнува на 1-ви август во 24:00 часот, а се одржува во домот/галерија на Вангел Наумовски „Охридска порта – Љубица“, на улицата „8-ми Септември“ бр. 3 во Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука