ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Локална самоуправа Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Пецаков: Со тешка механизација се прави појас, пожарите се ставени под контрола

Охрид, 3. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Согласно договорот од синоќешниот состанок на Штабот за заштита и превенција на Општина Охрид, денеска од 05:00 часот координирано се дејствува на сите локации на територија на Општина Охрид кои се зафатени од огнената стихија, информира градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков.

– Денеска на терен координирано дејствуваат екипите на општинските Јавни претпријатија, Територијалната против пожарна единица од Охрид, Национални шуми, Национален парк „Галичица“, ЦУК, ДЗС, како бројните волонтери кои се одзваа на повикот за помош, а тоа се: жителите од локалните села каде има пожар, членови на доброволното против пожарно друштво „Ентузијаст“, членови на навивачката група „Рибари“ како и пожарникари од Неготино кои доброволно се приклучија во акцијата. При мојата посета на локациите заедно со дел од членовите на Штабот за заштита и превенција бевме информирани дека поради силниот ветер ситуацијата кај Опеница се влошува. Како командир на штабот по консултација со стручните екипи кои се на терен донесовме одлука за вклучување на тешка механизација чија задача е да прават појас за спречување на понатамошно ширење на пожарот. Поголемиот дел од теренот е веќе обезбеден, а останува уште помал дел каде се работи во моментов и се прават засеци директно низ огнот. Екипите ќе работат на терен се’ додека не се обезбедат сите локации, информира Пецаков.

Додава дека согласно последните информациите од терен, пожарите се под контрола. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука