Водата за пиење од селскиот водовод во Лабуништа е исправна за пиење, покажуваат последните хемиски и микробиолошки анализи што ги изврши Регионалниот центар за јавно здравје со седиште во Охрид.
Жителите од ова струшко село во текот на август и септември конзумираа неисправана вода за пиење, но според мострите што последен пат беа земени на 15-ти овој месец, нејзиниот квалитет веќе се подобрува.
– Анализите во август и септември покажаа дека водата од водоводот во Лабуништа е микробиолошки и хемиски неисправна како резултат на тоа што не се хлорира односно не се врши дезинфекција. Таму беа најдени повеќе бактерии како што ентерокок и ешерихија коли, поради што населението беше информирано за да не ја конзумира водата, а беше известен и инспекторатот, вели Сашо Точков, специјалист по санитарна хемија и броматологија во Регионалниот центар за јавно здравје.
Хлорирањето според него, е најголем проблем во 70 отсто од селата во Струшкиот регион.
– Водата мора да се хлорира за да не дојде до нејзино загадување. Тоа најчесто не се презема во руралните средини заради немање соодветни капацитети или пак заради недостиг на финансии, додава Точков.
Според Точков, состојбата со квалитетот на водата во Лабуништа ќе се следи и натаму. Во ова село водата се испитува еднаш во текот на месецот, но како што појаснува, доколку жителите побараат почести анализи, можат да ги повикаат стручните служби на Центарот.
Супер радио/А.Р.