ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид Струга ТОП ВЕСТИ

На денешен ден во 1962 година во Охрид се одржа првото Светско првенство во маратонско пливање, победи Атина Бојаџи

Охрид, 5. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – На денешен ден, 5-ти август 1962 година, во Охридското Езеро се одржа првото Светско првенство во маратонско пливање на слатки води.

Се пливаше 34 километри долгата патека Пештани-Струга-Охрид, на која најбрза беше охриѓанката Атина Бојаџи, која пристигна прва на целта пред хотелот „Палас“.

Настанот прерасна во една од најголемите спортски манифестации од таков вид во Македонија. Во 1960 година на маратонот во Капри, каде што Дики Бојаџи беше прв, присуствуваше и шеикот од Кувајт, Ел Габар ел Сабах кој беше поканет да дојде во Охрид. Цели четири години шеикот доаѓаше во Охрид со голема придружба и беше главна мецена, делејќи во тоа време 1.000 фунти за првите тројца маратонци.

Таа година помеѓу професионалците победи Абдел Абу Хеиф од Обединатата Арапска Република, а меѓу аматерите неговиот сонародник Небил Шазди. Во женска конкуренција победи охриѓанката Атина Бојаџи. Во професионалната трка од македонските пливачи голем успех постигна Дики Бојаџи, кој го освои третото место и Климе Савин кај аматерите, на четврто место. Од 1992 година шампионатот беше именуван како Охридски пливачки маратон, една од трките што се бодува за Светскиот маратонски куп. (Крај)

извор: ОхридПрес/Охрид, слики од минатото фото: Климе Белкоски

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука