Охрид, 5. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пожарите што веќе неколку дена горат на потегот кај Илинска планина и на четири точки на потегот кај селата Косел-Расино-Опеница-Вапила и понатаму носат непријатен мирис и зголемена количина на чад во воздухот во Охрид.
Во синоќешната изјава на директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК) Стојанче Ангелов истакна дека пожарите се тешки за гаснење, но се прават максимални напори за справување со нив. Се делува од воздух и од копно, а покрај надлежните институции вклучени се и бројни доброволци.
– На пожарот на Илинска планина се делуваше во текот на утрото со „Ер трактори“ но, по исфрлање на водата се крена прашина и чад што ја намалуваше видливоста на пилотите и акцијата беше откажана. На земја се припадници на охридската Територијална противпожарна единица, 10 вработени во „Национални шуми“ и 50 волонтери што активно се обидуваат да го сопрат пожарот. Пожарот над Косел ја менува својата динамика, се делуваше со два хеликоптери на МВР и на Србија, а на земја се 60 лица меѓу кои и доброволци, рече Ангелов во синоќешната изјава.
Инаку со два хеликоптери од утринава се дејствува на пожарите во охридско.
Со цел да се спречи ширење на огнот кон населените места беше направен земјен појас над селата. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес