Копенхаген, 5. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Туристите кои го посетуваат данскиот главен град Копенхаген ова лето можат да се препуштат на низа необични иницијативи, вклучително и собирање ѓубре што плови по градските канали, посета на музеите со велосипед или доброволна работа во градска градина, пренесува Асошиејтед прес, цитиран од БТА.
Сите овие активности се дел од новиот четиринеделен проект наречен „КопенПеј“, чија цел е да ги охрабрат туристите да се вклучат во активности погодни за климата.
– Треба да го трансформираме туризмот од еколошка неволја во сила за позитивни промени. Сакаме посетителите на градот да носат свесни зелени одлукивели Микел Оро-Хансен, извршен директор на туристичката организација „Прекрасен Копенхаген“ што стои зад иницијативата.
Меѓу 20-те атракции вклучени во иницијативата е и проектот на еколошката невладина организација „Грин кајак“, кој нуди обиколки низ градските канали за туристите. Можат да веслаат низ каналите изградени во 17 век во зелени кајаци и во меѓувреме да го отстранат ѓубрето што плива во водите. Која е наградата?
Двочасовната тура е бесплатна доколку во меѓувреме се подигне ѓубрето. Во друг проект на урбаната органска фарма „Џонс Хафе“, туристите можат да се грижат за цветните леи, или да ги нахранат кокошките во замена за бесплатен ручек, пренесува „24Часа.бг“.
Туристите кои стигнуваат до Националниот музеј со велосипед или со јавен превоз, наместо со такси или со автомобил, добиваат бесплатен сладолед. Посетителите на Националната галерија можат бесплатно да посетуваат часови за изработка на скулптури од пластичен отпад.
„Зелената“ иницијатива започна во средината на јули и трае до средината на август. Доаѓа во време кога многу дестинации се под опсада од масовниот туризам и преземаат мерки за негово сузбивање. (Крај)
извор: Слободен печат фото: архива