Забава Избор

Во недела концерт на Васил Хаџиманов на „Долни Сарај“

Охрид, 9. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во недела, на 11-ти август, со почеток од 22:00 часот, на сцената на „Долни Сарај“ во Охрид, концерт ќе одржи Националниот џез оркестар, а гостин на концертот кој ќе биде диригиран од страна на маестро Џијан Емин, ќе биде Васил Хаџиманов, истакнат српски пијанист и композитор со македонско потекло.

Потекнува од семејство на музичари, неговиот татко е познатиот пеач, композитор и актер, Зафир Хаџиманов, а мајка познатата пејачка и актерка, Сенка Велетанлиќ.

Васил уште од мали нозе покажува исклучителен музички талент и започува со своето формално образование по класичен пијано, но набрзо навлегува во џезот и фјужн-музиката, црпејќи инспирација од различни музички традиции, вклучувајќи ја балканската, африканската и индиската музика.

На концертот во „Долни Сарај“ ќе бидат изведени дел од неговите најпознати композиции, како и композиции од неодамна промовираниот албум „Keyf“ за кои аранжманите ги направија Владимир Николов, Тони Китановски и самиот Хаџиманов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука