Охрид, 6 август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Утрово продолжија активностите за гасење на пожарите во охридско од воздух.
Се гаси со хеликоптерот на МВР на Србија „Ербас Х215 Супер Пума“, со носивост од три тони вода, со шест припадници на хеликоптерската единица и еден припадник на Секторот за вонредни ситуации.
Од саботата леталото секојдневно учествува во гасењето на пожарот кај Охрид. Активностите продолжија и утрово, во насока на комплетно санирање на пожарите.
Во последното деноноќие имало вкупно 23 пожари на отворен простор, од коишто, три се уште се активни, шест се под контрола и 14 се изгаснати, соопштија од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Меѓу активните пожари во Република Македонија е и оној на територијата на општините Демир Хисар и Охрид, на Илинска Планина, во реонот кај селата Витово, Базерник, Мало Илино и Брежани. Помеѓу пожарите во нашиот регион кои се ставени под контрола се и оние на планината Галичица и во реонот на селата Косел-Расино-Опеница-Вапила. (Крај)
извор: ОхридПрес фото/видео: ОхридПрес