август 8, 2024

Охрид, 8. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Членовите на Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид и Алпинистички клуб „Патагонија“ од Охрид со целокупниот расположлив капацитет, веќе 7 дена се вклучени во гасењето на пожарите во охридско, а особено на пожарот во Национален парк „Галичица“.

Вклученоста е главно во логистичка поддршка, обезбедување и достава на храна за тимовите кои гасат, транспорт на луѓе со теренски возила, а на Галичица и со директна вклученост во гасењето на пожарот, поради непристапноста на теренот.

– Покрај ангажманот во гасењето на пожарот на Галичица, денес во 13:50 часот преку единствениот повикувачки број 112 и Итната медицинска помош од Охрид, добивме повик за спасување на повредена жена, турист од Чешка, која се здобила со скршеница на десна потколеница, планинарејќи на Галичица. Бидејќи целокупниот потенцијал на ПСС во моментот беше ангажиран, побаравме хеликоптерска асистенција, при што дел од тимовите кои се вклучени во гасењето на пожарот, беа пренасочени во спасувачка операција. Благодарение на оперативноста на ЦУК и умешноста на пилотите од хеликоптерската единица на МВР, веднаш беше обезбеден хеликоптер, со кој тим од ПСС беше транспортиран до местото на несреќата. Бидејќи тимот беше повлечен директно од терен, беше принуден да изврши имобилизација и транпорт со импровизирани средства. Во 15:30 часот повредената беше пренесена во специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, а тимот од ПСС се врати да им помогне на пожарникарите и ренџерите од НП „Галичица“ во борбата со огнената стихија, информираат од ППС.

May be an image of 5 people and people climbing

Додаваат дека се надеваат дека сите овие случувања ќе предизвикаат поголем интерес во иднина за јакнење на сите капацитети за справување со кризи и несреќи, особено во вреднувањето и поддршката на волонтерските тимови од различни специјалности.

Од МВР информираат дека хеликоптерот Бел 412 од Одделот за воздухопловни единици, при транспорт на екипи од Црвен крст и пожарникари во реонот на Галичица, а воедно и со конфигурација на опрема за гасење на пожар, доби повик за пренесување на повредено лице од место во близина на врвот „Магаро“, Галичица.

– Во најбрз можен рок заедно со тимот на Црвениот крст кој првично беше транспортиран за гасење на пожарот во реон на Галичица, на лицето му е дадена прва помош и истото е транспортирано со хеликоптер до аеродромот во Охрид, од каде што со возило на брзата помош лицето е примено во локалната медицинска установа. Хеликоптерот Бел 412 продолжува со активности за гасење на пожарот во реонот на Галичица, информираат од МВР. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ППС

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука