Скопје/Охрид, 10. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Пожарот на Илинска планина, што се простира на подрачјата на општините Демир Хисар и Охрид е под контрола и на некои места има чад во веќе опожарениот дел кој не претставува опасност, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
– Во текот на денот на терен имало 4 вработени од ЈП НШ „Бигла“ Демир Хисар, кои во 18:00 часот се повлекле, како и 3 вработени од ЈП НШ „Галичица“ Охрид. Исто така на охридската страна, направени се заштитни појаси со машина од ЈП НШ, додаваат од ЦУК.
Регионалниот ЦУК Охрид, известува дека пожарот на планината Галичица е активен на страната према Ресен и се шири накај селото Стење, Општина Ресен. Според известувањето на ТППЕ Ресен, се слушале и експлозии од куршуми и неексплодирани средства (НУС). Во текот на денот интервенирала и екипа од 12 лица од (НП „Галичица“, доброволци).
Според истиот извор, во Општина Струга, од околу 14:10 часот, започнат е пожар на ниска вегетација кај селото Долна Белица, кој подоцна се проширил кон селата Октиси и Велешта и истиот бил излезен од контрола и проширен кон шума. Интервенирале со 3 пожарникари и едно против-пожарно возило, но подоцна се приклучиле и други екипи, како и месно население. Според информациите од ТППЕ пожарот е ставен под контрола околу 01:45 часот, а се’ уште гори депонијата во селото Октиси, поради што во 06:30 часот испратена е екипа од ТППЕ Струга на интервенција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес