Охрид, 9. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во куќата на Уранија во Охрид, во присуство на претседателката на Република Македонија Гордана Силјановска Давкова, претседателот на МАНУ академик Живко Попов и бројни дипломатски претставници, свечено беше врачена Светската награда на хуманизмот на Никола Петровиќ Његош, Принц на Црна Гора.
Неговата екселенција е претседател на Фондацијата Његош, која е во тесна соработка со Обединетите нации и УНЕСКО во реализација на значајни меѓународни проекти од областа на хуманизмот и го организира Интернационалното биенале на уметноста во Кралскиот дворец во Цетиње.
Наградата на Охридската академија на хуманизмот му ја врачи Перчо Божиноски, претседател на Советот на Општина Охрид, кој истакна дека оваа награда е потврда дека човекољубието не познава граници, нации, раси или социјални класи, туку го вреднува човечкото универзално творештво и рабирањето меѓу различните култури препознатливо на сите меридијани, денес толку потребно во светот во кој живееме.
– На осумнаесетиот добитник на Светската награда за хуманизам, неговата екселениција, принцот на Црна Гора Никола Петровиќ Његош, му посакувам добро здравје и уште многу дела и проекти, со кои човештвото ќе биде сплотено и ќе живее во подобро меѓусебно уважување и разбирање. Знам дека ерудитти во секоја прилика разменуваат мислења и идеи, со кои ни го збогатуваат, олеснуваат и хармонизираат секојдневниот живот. Во таа насока, ви посакувам плодни дебати и пријатен престој во Охрид, истакна во своето обраќање Божиноски.
Беседа за лауереатот одржа претседателот на Охридската академија на хуманизмот, Јордан Плевнеш. Тој напомена дека во Охрид, на Денот на Св. Климент, се случи единствен чин во европската и светската историја на хуманизмот и во големата плејада на добитници од сите меридијани, се приклучи Принцот на Црна Гора – Никола Петровиќ Његош, како единствено име од европските кралски семејства.
– Неговото кралско височество, сиот свој живот го докажувал принципот на филозофијата дека, хуманизмот и неговата синтеза со уметноста можат да бидат спасители на човештвото. Ваше кралско височество, драги Принцу на Црна Гора, денес со вашето прогласување, ние всушност ја прогласуваме духовната љубов и милениумската поврзаност на Македонија и Црна Гора која започнува со една од најголемите љубови во светската историја меѓу црногорскиот принц Владимир и македонската принцеза Косара. Денес и тие се присутни на овој чин во Охрид, заедно со бројните ликови на династијата Његош, како и бројните македонски светци, коишто од фреските на македонските цркви и манастири, Ви го честитаат овој чин со фасцинантните старословенски литургиски напеви – За многаја лета, за многаја лета, за многаја лета. Ваше кралско височество Никола Петровиќ Његош – Принц на Црна Гора, Ве прогласувам за добитник на Светската награда на хуманизмот за 2024 година, истакна во својата беседа Плевнеш.
Заблагодарувајќи се на престижната награда, Принцот Никола Петровиќ Његош со своето емотивно обраќање рече дека да се биде во вакво одбрано друштво на магично и симболично место, тоа не се случува секој ден.
– Не добиваме секој ден награда за некој посебен подвиг или исклучителна креација, туку едноставно за тоа што едноставно сме. Кога вашето име ќе се најде на листа од личности кои толку многу придонесле, секоја на свој начин да му даде смисла на човештвото, ќе разберете зошто сум посебно импресиониран и трогнат денес пред вас. Импресиониран и трогнат да, навистина, но во исто време и многу среќен, зошто сум бил разбран. Оваа награда морам да ја споделам со Црна Гора и Црногорците, бидејќи сите активности кои се мотив за добивање на оваа награда во последните триесет години се поврзани со Црна Гора. Без помошта на многу Црногорци, институционално, преку НВО или како поединци, кои ми помагаа и кои исто како и јас се посветени на мирот, на независна, еколошка и инклузивна Црна Гора, не би можел многу од тоа да го направам. Но, драги пријатели има уште многу да се направи! Ние, под тоа мислам на човештвото, живееме во опасни околности. Тензиите растат, климатските промени се забрзуваат и ние се обидуваме да ги решиме овие сериозни проблеми со истите практики и алатки, кои всушност се причина за ваквата ситуација. Затоа, крајно време е да го послушаме советот на Волтер и заеднички да се грижиме за оваа огромна и величествена градина која ни е поверена и која може да ги задоволи нашите витални потреби и да направи среќни, а не, да дозволиме да се изгубиме во бескрајната трка за раст и моќ. Ако веќе мораме да пловиме низ кризите кои надоаѓаат, би ви советувал попрво да га одберете Ноевиот чамец, отколку Титаник. И на крајот би завршил со цитат на мојот предок, големиот поет Петар Петровиќ Његош: Нека биде, што не може да биде, истакна Петровиќ. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива