Охрид, 12. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури со оглед на најавите дека Република Македонија деновиве е зафатена од високи температури кои до среда, во делови од државата се очекува да се искачат и над 40. степени.
Носење светла и лесна облека, заштитни очила и капа, престој во затворени, климатизирани простории или почести одмори под сенка доколку се излегува надвор, внесување помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку маснотии, пиење повеќе течности, најдобро обична вода, и избегнување алкохолни пијалаци…
Ова се само некои од препораките на лекарите кои посебно нагласуваат дека хронично болните лица треба редовно да ја земаат препишаната терапија. Исто така, возилата, одредено време пред влегување во нив, да се проветрат.
Поради високите температури и зголемената можност од појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје), како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на +8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени). Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени (мајонез од домашни јајца), а внимателно да се консумираат и сладолед и разни кремови.
Се препорачува граѓаните да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, односно да се заштитат од директна сончева изложеност, да избегнуваат престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот, да носат светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце да носат заштитни очила и капа (светлите бои ја рефлектираат светлината), да консумираат лесна храна и течности, посебно да внимаваат при подготовка и консумирање на храната, да избегнуваат термички необработени производи, да внесуваат поголемо количество течности, најдобро обична вода за пиење, да избегнуваат алкохолни пијалаци.
Министерството за здравство вчера ја информираше Владата дека, доби информација од Институтот за Јавно здравје и метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи за појава на топлотен бран во траење од 3 дена и тоа во понеделник, вторник и среда, на 12-ти, 13-ти и 14-ти август 2024 година. Територијата на целата држава ќе биде зафатена од високи температури од портокалова фаза и согласно Акциониот план на Министерството за здравство за превенирање на последиците од топлотните бранови врз здравјето на населението ќе се превземаат акции предвидени за Фаза 2 – Портокалово ниво на топлотни бранови, по што Владата донесе итни мерки поради топлотниот бран.
Времето денеска сончево и многу многу топло со мала локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен превец. UV индексот ќе биде 8, а максималната температура во Охрид ќе се искачи до 35. степени. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива