Охрид, 12. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Утринските снимки на NASA FIRMS од пожарот на планината Галичица кој трае веќе неколку дена покажуваат дека истиот е проширен во однос на вчерашната состојба.
Охриѓани синоќа можеа и да го видат пожарот од центарот на градот, а облакот чад беше видлив од повеќе локации. Слична беше состојбата и утрово.
пожарот на Галичица утрово (фото: Ljupco Lepi)
Системот за информации за пожари и управување со ресурсите NASA FIRMS редовно ги објавува најновите податоци за пожарите ширум светот, скоро во реално време.
снимките од вчера во 16:49 часот
Пожарот на територијата на Општина Охрид, на планината Галичица, се префрли од страната на Ресен, каде гори на потегот од врвот „Магаро“ кон Стење, информираше вчера директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
– Врз овој пожар дејствуваат 18 храбри доброволци на Црвениот крст, дел од планинската спасителска служба од Охрид кои со хеликоптер ги пренесовме до врвот „Магаро“ од каде постепено се спуштаат и дејствуваат врз овој пожар каде гори трева и нискостеблести растенија, вели Ангелов.
Тој уверува дека пожарот ќе биде сопрен и нема да ги загрози населбите во подножјето на планината. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива/FIRMS