август 15, 2024

Охрид, 15. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од утре до недела, 18-ти август, на локации во Велестово и Охрид ќе се одржи 36. издание на Поетска ноќ во Велестово.

Годинава со поетски портрет ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, САД, Хрватска, Србија и Македонија.

– Од годинава, за наредниот 4-годишен циклус имаме неколку концепциски промени, имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид, истакна програмскиот директор на фестивалот, Јулијана Величковска.

Отворањето е утревечер од 21:00 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ – мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Потоа ќе следи поетскиот портрет на Елизабета Баковска и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде заокружена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.

Во сабота од 19:00 часот во кафе бар Shilla во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.

Затворањето на фестивалот е во недела, на 18-ти август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.

Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука