Охрид, 16. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Под мотото „Македонистички гордорек“, во Охрид се одржува 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ), на кој ќе учествуваат 65 македонисти од 17 земји.
Македонистите од Албанија, Бугарија, Италија, Јапонија, Кина, Полска, Република Кореја, Романија, Руска Федерација, САД, Словенија, Србија, Турција, Украина, Унгарија, Хрватска и Чешка Република, ќе ги изучуваат македонскиот јазик, литература и култура, а 81 учесник на 51. Меѓународна научно конференција ќе ја развиваат македонистиката како наука.
Како што е најавено, свеченото отворање на 57. Летна школа на МСМЈЛК ќе се одржи денеска во Конгресниот центар на УКИМ во Охрид, на кое поздравни обраќања ќе имаат претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, министерот за култура и туризам Зоран Љутков, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, министерот за надворешни работи и надворешна трговија д-р Тимчо Муцунски, ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, проф. д-р Биљана Ангелова и директорката на МСМЈЛК при УКИМ, проф. д-р Кристина Николовска. Потоа ќе следува музички настап на проф. д-р Драган Даутовски, кој ќе свири на окарина, древен иструмент од пред 7.000 години, а проф. д-р Андријана Јаневска ќе настапи со вокална изведба, по што ќе следува промоција на Зборникот-Предавања од 56. Летна школа.
За првпат годинава, на свеченото отворање ќе бидат доделени награди „Воздејства“ во знак на признание за исклучителни дејности, долготрајни и повеќедецениски постигнување и придонес во научно-истражувачката и културната афирмација во областа на македонистиката.
Наградите ќе им бидат доделени на истакнатиот македонист, академик Виктор Фридман од САД и проф. д-р Максим Каранфиловски, долгогодишен директор на Семинарот. На отворањето ќе бидат доделени и благодарници „Синергии“ во знак на признание за посебен придонес во поддршка на афирмација на македонистиката, на Општина Охрид, АД Алкалоид-Скопје, АКУД Мирче Ацев, Кирил Пецаков, градоначалник на Општина Охрид, Перчо Божиновски заменик градоначалник на Општина Охрид, Живко Мукаетов, директор на АД Алкалоид-Скопје и Благоја Јованоски, директор на АКУД „Мирче Ацев“.
Годинава, како што истакна директорката проф. д-р Кристина Николовска, програмата на 57. Летната школа ќе има подновен концепт со визија, со збогатени и иновативни содржини.
Летната школа ќе се одржува до 29-ти август, а за првпат годинава ќе бидат доделени и наградите „Воздејства“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива