Скопје/Охрид, 16. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Се работи транспарентно во соработка со засегнатите страни во рамки на постапките за донесување на националната легислатива, информираат од Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП).
– Во однос на Предлог на Закон за прогласување на Охридско Езеро за Споменик на природа и Предлог на Закон за прогласување на Студенчишко Блато за Парк на природа, кои се во собраниска процедура пред донесување, запазена е целата постапка за прогласување согласно Законот за заштита на природа. Добиени се позитивни мислења од релевантни државни органи, Националниот совет за природа и одржани се три јавни расправи во општините Охрид и Струга. Исто така се постапува и согласно одлуките од 2023 и 2024 година на Комитетот за светско наследство при Конвценцијата за светско природно и културно наследство (УНЕСКО) во кои експлицитно е побарано од државата да ги прогласи Охридско Езеро и Студенчишко Блато за заштитени подрачја, со цел да обезбеди заштита, потенцираат од МЖСПП.
Додаваат дека согласно предлог-законите, ЈП „Колекторски систем“, Охрид како иден управувач со заштитено подрачје Споменик на природа – Охридско Езеро и Општина Охрид како иден управувач со заштитено подрчаје Парк на природа – Студенчишко Блато ќе имаат обрска на транспарентен начин да изработат и донесат планови за управување, во кои ќе бидат дефинирани дозволени и забранети активности по зони, што се дел од препораките на Бернска Конвенција.
– Идните управувачи ќе имаат обрска да воспостават чуварска служба и мониторинг на природното наследство во двете подрачја и да обезбедат нивно интегрално управување и заштита. Со донесувањето на овие закони од Собранието, ќе се овозможи заштита и зачувување на природните вредности на овие подрачја и нивно соодветно долгорочно управување, како и исполнување на целите на Националната стратегија за заштита на природа, исполнувањто на целите ЕУ и Зелениот договор, како и одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО од 2023 и 2024 година, стои во информацијата на МЖСПП. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес