Охрид, 16. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – На локации во Велестово и Охрид, од денеска до недела, 18-ти август, ќе се одржи 36. издание на Поетска ноќ во Велестово.
– Вечерва на сред село со почеток во 21:00 часот со малиот музички концерт „Езеро“ на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ ќе започне годинешното издание на „Поетската ноќ“ во Велестово. Ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, а потоа и настанот „Поетско интермецо“. Овој настан прв пат се воведува годинава. На „Поетското интермецо“ странските поети ќе имаат можност да се претстават пред публиката во Велестово. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Со поетски портрет годинава ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во интернационалната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, Кина, Хрватска, Србија и Македонија. Фестивалот ќе заврши на 18-ти август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини во околината, ја претстави програмата извршниот директор Јулијана Величковска.
На прес конференцијата се обрати и ирскиот поет Патрик Котер кој два пати претходно е претставуван на манифестацијата, а годинава доаѓа по трет пат во Велестово и Охрид.
– Се радувам што повторно сум дел од оваа прекрасна културна манифестација којашто по многу нешта е посебна и различна од сите други манифестации од ваков тип во Светов. Со нетрпение чекам вечерва да се запознаам со другите автори учесници на настанот. Воодушевен сум од изборот на актери кои ја читаат избраната поезија. Воодушевен сум од Охрид и неговите убавини-рече Котер.
На средбата присуствуваше и поетесата Елизабета Баковска чии поетски достигнувања ќе бидат во центарот на вниманието на годинешново издание.
Отворањето е вечерва од 21:00 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ – мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ. Потоа ќе следи поетскиот портрет на Елизабета Баковска и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде заокружена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“.
Во сабота од 19:00 часот во кафе бар Shilla во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.
Затворањето на фестивалот е во недела, на 18-ти август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.
Манифестацијата се одржува со поддршка на Општина Охрид и Министерството за култура. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива