Избор Култура Македонија Општина Вевчани ТОП ВЕСТИ

Започнува 14. фестивал на народна култура „Пображење“ во Вевчани

Вевчани, 17. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска во Вевчани свечено ќе биде отворен 14. фестивал на народна култура „Пображење“, во организација на Културно Уметничкото Друштво „Дримкол“.

Свеченото отворање на фестивалот ќе биде на големата сцена во спортското двориште во центарот на Вевчани каде свое обраќање ќе има министерот за култура и туризам на Република Македонија Зоран Љутков.

Годинешното издание на фестивалот, започна уште синоќа со програмската содржина „Народната култура во Вевчани – инспирација за млади уметници“, во чии рамки членови на детското ликовно студио „Св. Кирил и Методиј“ од Битола сликаа на различни локации низ Вевчани, а вечерта на платото пред општината беа изложени нивните дела. Исто така во Мултикултурниот центар во Вевчани синоќа беше отворена и изложбата на фотографии „Моменти“ од авторот Антонио Стојчески.

– Убаво е човек да е во Вевчани овие денови, едно заради големиот наш христијански празник „Преображение Христово“, кој е слава на нашето Вевчани, а друго и заради фестивалот на народна култура кој го носи името на празникот. Се радуваме што овој наш фестивал е веќе јасно препознатлив во нашата земја и пошироко и претставува мегдан за изразување на уметници од повеќе области кои ја обработуваат народната култура. Самата програма јасно укажува на разноликоста на содржините, на автентичниот концепт на фестивалот, на посебноста која произлегува од Вевчани и дава за обврска се’ што се работи да биде во правец на тој посебен вевчански специфичен дух. Вевчани од секогаш бил достоен чувар на традицијата, со векови го негува и презентира фолклорното творештво на својот народ, а токму и овој фестивал е само уште една потврда за нашиот однос кон богатото македонско културно наследство, вели д-р Тошо Чочороски, претседател на КУД „Дримкол“.

Народната култура на својата земја оваа година на сцената во Вевчани ќе ја презентираат фолклорни ансамбли од Република Македонија, Хрватска, Словачка, Србија и тоа: КУД „Дримкол“ од Вевчани, КУД „Краљевска ризница“ од Краљево, Република Србија, КУД „Хрватски Железници“ од Вараждин, Република Хрватска, КУД „Рацин“ од Кичево, АНПИ „Орце Николов“ од Скопје, Фолклорната група „Вернар“ од Вернар, Република Словачка, ФА „Тиквеш“ од Кавадарци и КУД „Филиграни“ од Охрид.

Во рамки на фестивалот оваа година ќе се одржи и тркалезна маса на тема „Традицијата и современоста: Еден напред, три назад…“, при што фестивалот го отвара прашањето за тоа дали македонскиот фолклор и традиција денес се движат во права насока. Одговор на ова прашање ќе дадат универзитетските професорки: проф. д-р. Мирјана Мирчевска и проф. д-р Илина Јакимовска од Институтот за етнологија и антропологија при природно-математичкиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје и Филип Арилон, дипломиран етнокореолог.

Фестивалот завршува на празникот „Преображение Христово“, во понеделник, на 19-ти август со концертот „Вевчанска музичка приказна“, во изведба на проф. Mарјан Јанкоски и „Поратл“.

Фестивалот оваа година е под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија и на Општина Вевчани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука