ЕКОЛОГИЈА Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Нивото на Охридското Езеро за 14 сантиметри под просекот за август

Охрид, 19. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Водостојот на Охридското Езеро под просекот за овој период од годината.

Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), нивото е на кота од 693,32 м.н.в што е за 14 сантиметри под просекот за август (693,46 м.н.в) и за 22 сантиметри над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в).

Ако се анализираат хидролошките информации за водостојот на Охридското Езеро од почетокот на месецов ќе се заклучи дека истиот е во константен пад. Од почетокот на месецов е намалено за околу 10 сантиметри. Кон ова придонесоа периодите без врнежи, но и црпењето езерска вода за гаснење на пожарите што беснееа на планината Галичица.

Во Охрид денес променливо облачно време со сончеви периоди. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Попладне на повеќе места ќе биде нестабилно со пороен дожд и грмежи, локално во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град.

UV индексот ќе биде 6, а максималната температура ќе се искачи до 28. степени.

– До среда времето ќе биде променливо облачно, посвежо и нестабилно со локален пороен дожд и грмежи. Денес и утре на повеќе места процесите ќе бидат во форма на невреме со интензивен пороен дожд, грмежи, силен ветер и појава на град. Од четврток ќе настапи стабилизирање на времето со постепен пораст на дневната температура, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука