Охрид, 20. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со завршен настан во кафе-бар „Шила“ во Охрид, заврши 36. издание на манифестацијата „Поетска ноќ во Велестово“, што се одржа од 16-ти до 18-ти август на локации во Велестово и во Охрид.
На фестивалот настапија поети од Македонија, Хрватска, Ирска, Србија и од Кина, а беше претставен поетски портрет на писателката, поетеса и есеистка Елизабета Баковска.
Во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Велестово беше отворена и изложба на фотографии на Сашо Димоски со наслов „Паметници на заборавот“.
Фестивалот беше отворен и затворен со музичките концерти на хрватската кантавторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ.
– Заврши уште едно успешно издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велестово“, настаните беа посетени од многубројна, внимателна и посветена публика, па би сакале да им се заблагодариме на сите што присуствуваа, како и на нашите гости што со нивната убава поетска мисла, со музиката и со фотографиите со кои се претставија создадоа магија и на сцената, но и во сите неофицијални дружби и прошетки во Велестово и во Охрид. Голема благодарност и до поддржувачите на фестивалот, изјави Јулијана Величковска, програмски директор на „Поетска ноќ во Велестово“. (Крај)
извор: slobodenpecat.mk фото: Сашо Димоски