Здравје ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија ТОП ВЕСТИ

Таравари: Има пораст на бројот на регистрирани со Covid-19, апел да се почитуваат препораките

Скопје, 21. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Зголемен е бројот на лица позитивни на Covid-19 во државава, потврди министерот за здравство Арбен Таравари, одговарајќи на новинарско прашање.

Тој потсети дека треба да се почитуваат заклучоците од Комисијата за заразни болести, како почести проветрувања и зголемена хигиена, а хоспитализираните пациенти кои ќе бидат инфицирани со Covid треба да продолжат да се лекуваат на истата Клиника.

– Има пораст на бројот на регистрирани со Covid-19 во државава, имаше состанок и Комисијата за заразни болести и имаме заклучок од нив како треба да се третираат, треба да се придржуваме на правилата, отворени простории, да нема повеќе луѓе на исто место, хигиената да се запазува. Меѓутоа, пациентите што се третираат на клиниките од одредена болест, а во меѓувреме се инфицираат и со Covid, препораките се да продолжат со лекување во истата клиника. Конзилијарен инфектолог да даде препорака за дополнителна терапија доколку треба. Повеќето пациенти очигледно го поминуваат асимптоматски или со многу лесна форма на симптоми, истакна министерот Таравари.

И матичните лекари со кои разговаравме неодамна потенцираа дека во Охрид е застапен и Covid-19, според симптомите кај пациентите и направените брзи тестови. Пациентите се со покачена телесна температура, најчесто вирусно пропратено со кашлица. Кај некои се смирува за неколку дена, но знае да продолжи во продуктивна кашлица. Се жалат на течење нос, силни главоболки, но и вртоглавици, болки во мускули, гадење, нагон за повраќање, но за среќа состојбата се подобрува за неколку дена и нема хоспитализации. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука