Охрид, 22. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во популарната Facebook група Муабети од Охрид и околината, од 2020 година, кога е отворена, секојдневно се споделуваат прекрасни приказни за Охрид и околината, вистински спомени од едно минато време, некогашниот начин на живот, но и спомени за луѓе и настани кои оставиле сериозен печат во времето.
Со одобрение од администраторот, на OhridPress ќе споделуваме дел од најубавите приказни, се’ во насока да не се заборават најубавите спомени и настани од најубавиот град. Истите ќе бидат споделувани автентично, најчесто на охридски дијалект.
За весниците и трафиките во градов
Порано беше една од главните занимации на луѓето, има и сега ама во помал обем. Тоа е читањето на весници. Секое сабајле имаше луѓе, кои со првото пазарејне леб и млеко купвеја и весници. Главно тогаш се читаше од дневните весници „Нова Македонија“ и „Вечер“ зато шо и немаше други македонски весници.
Појќето весници кои ги имаше беја од Србија и то беја „Политика“, „Борба“, „Вечерне новости“, „Политика Експрес“, „Спорт“. „Политика“, „Борба“ и нашата „Нова Македонија“ беја сериозни весници, главно се занимаваја со политика и политичарите, бившите борци, службеници, офицери на некој начин мораја да ги купвет.
Од Хрватска не стигвеја дневни весници. Покрај нив имаше и неделни весници, пак главно од Србија како „Илустрована Политика“, спортскиот весник „Темпо“, а од Македонија подоцна почна да излегвит „Екран“ во кој имаше теми за музика, филм, телевизија… А едно време излегвеше и „Починка“.
Македонските весници стигвеја сабајле а српските стигвеја околу 11 сатот со автобусот од „Галеб“. Нив ги дистрибуираше низ трафиките покојниот Душко Савиќ кој прет то беше голман на Охрид. Покрај овие имаше и весници кои обично беја забранети за помладите како „Старт“, „Чик“, „Репортер“ и други. Подоцна „Старт“ кој идаше од Хрватска беше еден од најсериозните весници кој обработвеше различни теми од животот.
Најпојќе се купвеја весници во понеделник кога имаше извештаи од неделните натпревари и во петок кога во нив имаше телевизиска програма за цела недела на тогашната единствена кај нас Телевизија Скопје. Сите весници имаја новинари дописници од Охрид. Весниците се продаваја по трафики а имаше и продавачи на весници по градот а летно време и по плажите. Најпознат продавач на весници беше популарниот Имер.
Овие продавачи имаја и свој начин на рекламирање.
Една вечер се погодив во Скопје (1978 година). Во Скопје утрешните весници излегвеја претходната вечер околу 11:00 сатот. Продавачот ги продаде сите весници за нецел сат со повикот: Алдо Моро е жив! (Алдо Моро беше италијански премиер, кој беше киднапиран, а после и убиен од групата „Црвени Бригади“). Ко бевме на студија во Скопје, весниците, особено „Нова Македонија“ ни служеја како чаршаф за јадејне, гледам дека бевме пред времево зато шо сега се користет хартиени чаршафи. Ова го прекинавме ко почнаја да ни идет девојките и ни забранија да користиме весници за јадејне (имало на нив олово – ама ево и до ден денешен немаме последици од то олово).
Сите тогашни фирми беја обавезни да се претплатет на весници. Имат еден муабет за еден тогашен директор на кого шоферот му носел секој ден весник. Директоров од весникот ги читал само последните две страни – то биле спортски вести и некролози (жални вести). Шоферот за да не ојт секој ден по весници, земал по седум-осум и секој ден му ги давал истите. По некое време му текнало на директорот ко видел дека починатиот од пред една недела, втор пат починал. Поврзано со весниците беја и трафиките. Беја од „Политика“ и „Нова Македонија“. Ги имаше на сите главни места во градот: на плоштад, кај Летница, кај амамот, кај чинарот, кај „Први Мај“, кај дистрибуција, Маларична, Мини маркет, болница, Влашка маала, и ногу други места. Во појќето трафики беја вработени поранешни службеници од полиција кои беја рано пензионирани после смената на Ранковиќ, некаде околу 1967 година.
Обично ко деца гледавме да се спријателиме со продавачите во трафиките за да читаме весници без пари. Покрај весници овде се продаваја и цигари, а за то време интересно е шо цигари се продаваја и на парче по едно, две.
Со појава на интернетот и електронските медиуми веке падна интересот за весници и сега поретко луѓето купвет весници.
објавил Ѓорги Љатко
Објавите во Facebook групата Муабети од Охрид и околината можете да ги следите ОВДЕ. (Крај)
извор: ОхридПрес/Муабети од Охрид и околината фото: Охрид кој веќе го нема