август 23, 2024

Охрид, 23. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска истекува рокот за рана регистрација на конкурсот на TerraViva за дизајн на Наутички и социјален клуб на местото на објектот на Одморалиштето на Феријалниот сојуз, лоцирано на брегот на Охридското Езеро, во населбата Даљан.TerraViva 

е Меѓународна платформа на која архитектите од целиот свет можат да учествуваат на проекти во глобални рамки. Според објавениот Конкурс, за кој е предвиден и награден фонд од 7.000 евра, учесниците се поканети да поднесат иновативни проекти за адаптивно-повторна употреба фокусирани на обновување на ова модерно наследство оставено неискористено повеќе од дваесет години.

Земајќи инспирација од оригиналниот дизајн на архитектот Борис Чипан, натпреварот бара дизајн на Наутички и социјален клуб, кој би бил отворен и за локалната заедница и за сезонските туристи. Идејата е да се замисли динамичен социјален простор способен да привлече граѓани и посетители на западната страна на езерското крајбрежје, обезбедувајќи привлечна алтернатива на најпрекрасниот источен Охрид. Главниот предизвик за архитектите ќе биде да се осмисли како оваа градба стара над 70 години би можела да им послужи на потребите на современ жив езерски клуб.

– Oвој конкурс го претставува првиот чекор кон патот на долгоочекуваното враќање на ова модернистичко чудо на граѓаните на Охрид. Учесниците се поканети да поднесат иновативни проекти за адаптивна реупотреба фокусирани на објектот на Одморалиштето на Феријалниот сојуз, работејќи на рехабилитацијата на ова запуштено наследство, оставено неискористено повеќе од дваесет години. Земајќи инспирација од автентичниот дизајн на Борис Чипан, конкурсот бара проектирање на Наутички и социјален клуб, отворен и за локалната заедница и за сезонските туристи. Идејата е да се замисли динамичен социјален простор кој ќе привлече граѓани и посетители на западната страна од езерското крајбрежје, обезбедувајќи привлечна алтернатива на попримамливиот источен Охрид. Главниот предизвик ќе биде да се замисли како овој објект, постар од 70 години би можел да служи на потребите на еден современ езерски клуб. Кога се пристапува кон ваков објект, дизајниран од познат архитект чија практика успешно го премостува старото и новото треба исклучително да се внимава. Од проектантите се бара да посветат особено внимание на перспективата на корисниците. Клуч за постигнување на успех во проектот ќе претставува внимателното разгледување на целната група: профили, возраст и интереси на луѓето кои треба да ги привлече интервенцијата. Концептот може да биде насочен за разновидна публика: од љубители на водни спортови и експерти за едрење до најобичните туристи кои сакаат само да се сончаат на плажа, од најмалите деца на одмор со своите родители до локалните жители во потрага по релаксација и забава и многу други, стои во повикот.

Се додава дека зачувувањето на овој модернистичко, скриено и скапоцено наследство ќе бара посебно внимание кон деталите и посебна чувствителност за да се одреди кои елементи да се зачувуваат, а кои не.

– Кои стратешки одлуки би ги донеле за да ја постигнете трансформацијата на Одморалиштето на Феријалниот сојуз во совршен наутички и социјален клуб? Проектантите ќе можат слободно да го одредат степенот на влијание на целата интервенција. Предлозите може да вклучуваат не само ентериери, туку и фасади, покриви и меѓупростори. Исто така, ќе биде можно да се предвидат нови волумени, ѕидни перфорации, нови отвори и додатоци каде ќе се смета дека се потребни. Секоја одлука мора да биде оправдана во целокупниот концепт на проектот. Подеднакво ќе бидат ценети и најрадикалните и најконзервативните предлози. Проектот ќе треба да се фокусира на обновувањето на објектот на Чипан, но и на прекрасната зелена површина насочена кон езерото. Со оглед на туристичко-летната вокација на местото, пејзажот на надворешните простори ќе биде оценет со големо внимание од страна на жири комисијата, се потенцира во објавата.

Ваквото интернационално препознавање на Феријалното одморалиште е благодарение на работата на младите македонски архитектки Ева Зовиќ и Анастасија Ристеска и нивното залагање за домашното архитектонско наследство.

За Супер радио и OhridPress тие неодамна открија дека членовите на охридскиот колектив за архитектура – Архрид имаат попуст при аплицирање на конкурсот

– Заинтересираните кои сакаат да конкурираат, можат во секое време да се зачленат и да ги добијат овие бенефити, а Охрид да добие една жива архитектонска сцена. Да ја поддржиме домашната искрена работа, вели Зовиќ.

Конкурсите на TerraViva целосно се спроведуваат преку нивната дигитална платформа, дозволувајќи им на учесниците од целиот свет да ги споделат своите предизвици во архитектурата со најдобрите меѓународни дизајнери. Отворени се за архитекти, планери и креативци од целиот свет, а иницијативите можат да се прилагодат на различни контексти: од архитектура до урбанистичко планирање, од дизајн на пејзаж до адаптивна повтоа употреба. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука