Избор Култура ТОП ВЕСТИ

Утревечер изложба на скулптури од Слободан Милошески во Дортмунд

Охрид, 23. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – „Одблесоци“ е насловена изложбата од Слободан Милошески што утревечер во 18:00 часот ќе биде отворена во галеријата „Friedrich7“ во Дортмунд, Германија.

Тој ќе се претстави со 16 скулптури во галериски формат.

– „Одблесоци“ е волшебна изложбена поставка на скулптури која ги поканува гледачите да ја истражат интеракцијата помеѓу формата, светлината и нивната перцепција. Ова визуелно доживување, преку својата прецизна изработка и интригантен концепт, го вклучува набљудувачот во повеќеслојно искуство – од визуелните оптички ефекти до меморијата, времето и сложеноста на човечкиот ум. На тој начин, преку изборот на медиум, форма и концептуална длабочина, оваа изложба ги поканува гледачите да размислуваат за сложеноста на човечкиот живот, вели историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.„Одблесоци“ навестува концепт што предизвикува размислување, фокусиран на интроспекција и самооткривање. Се чини дека скулптурите прикажуваат серија на огледални фрагменти, од кои секоја одразува различни аспекти на идентитетот на гледачот. Ги поттикнува гледачите да размислуваат за сложениот човечки идентитет и слоевите на нечија личност. Поради тоа распоредот на рефлектирачките елементи во скулптурата се смислено дизајнирани. Секој фрагмент ја доловува и прекршува светлината на уникатен начин, создавајќи динамичен и постојано променлив приказ додека гледачот се движи околу скулптурата. Овие скулптури го вовлекуваат набљудувачот во дијалог со уметничкото дело на тој начин создавајќи еден вид на интеракција.

Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Дипломирал на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Бугарија, на катедрата за скулптура. Досега реализирал 34 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 90 групни претставувањаво земјава и странство. Добитник е на 16 награди и признанија. Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Изложбата во Дортмунд ќе биде отворена до 7-ми септември 2024 година. (Крај)

извор: umno.mk фото: umno.mk

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука