Струга, 22. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Јас сметам дека не живееме на правилен начин. Нашите животи ни се земаат од рака и поезијата е на некој начин нешто што ни кажува на сите нас дека имаме право апсолутно целосно да го живееме својот живот.
– Не само да постоиме во некакви улоги, да имаме обврски, ниту, пак, да бидеме робови на општествените барања. Мора да се размислува за животот во општеството низ призма на поет, на слободен начин. Целта е секогаш да се слави апсолутноста на животот. Постојат многу начини на коишто тоа можеме да го направиме. Љубовта е само еден пример, еден од најдобрите примери, изјави добитникот на „Златниот венец“, истакнатиот француски поет и драматург, Жан Пјер Симеон, на денешната прес-конференција во рамки на „Струшките вечери на поезијата“.
Лауреатот посочи дека е почестен што го добива ова почесно признание од областа на поезијата, на светско ниво.
– Навистина ми е многу мило што сум тука и, како што ќе претпоставите, почестен сум и горд сум што сум дел од овој фестивал како лауреат на оваа позната светска манифестација. Знам дека големите поети, великаните дошле тука токму во Струга за овој фестивал. Малку се срамам кога стојам покрај нив. Навистина ми претставува огромна чест и одговорност затоа што не зборувам само за мојата поезија и за мојот живот, туку зборувам за важноста на поезијата во нашите животи, заедничките животи во општеството. Моето творештво во изминативе години имаше за цел на сите да им покаже дека поезијата мора сите да нѐ заинтересира затоа што таа не се состои само од песни. Поезијата е начин на живот, начин на постоење. Начин на живот кон којшто сите треба да се стремиме. Кон слободата, братството. Сметам дека тоа треба да биде цел на сите нас. Мислам дека тука во Македонија со овој фестивал, кој е толку добро познат низ целиот свет, исклучително важно е за сите поети низ целиот свет овој фестивал да постои, рече Жан Пјер Симеон.
Во својот говор претседателката на Управниот одбор на „Струшките вечери на поезијата“, Елизабета Шелева, Жан Пјер Симеон го нарекува комплексна творечка фигура на светската поетска сцена.
– Жан Пјер Симеон е ценет поет, но и автор со широк распон на својот творечки потенцијал, што го прави навистина интригантен и реализиран, во неколку жанровски подрачја. Тој е ценет како поет, признаен и се’стран автор, комплексна творечка фигура и поливалентна личност: интелектуалец, ерудит, поет, уредник, есеист, прозаист, драмски автор, хуманист. Поезијата на Симеон, зад себе го има благородниот контекст и закрила, на една богата поетска традиција, каква што е француската, којашто ја краси возвишениот парнасовски идеал на песната – како суверено кралство, во кое живее и опстојува власта на љубовта и убавината, вели Шелева.
Годинешниот лауреат и добитник на „Златниот венец“ традиционално засади и дрво во Паркот на поезијата.
Свеченото отворање на фестивалот е вечерва во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ со почеток во 20:30 часот.
Во рамки на церемонијата на отворање е предвиден настап на нашиот познат пијанист Дино Имери, читање на поетската порака од страна на истакнатиот поет Веле Смилевски, а фестивалот за отворен ќе го прогласи министерот за култура, Зоран Љутков кој ќе има свое обраќање.
Мотото на годинешниот фестивал е „Допир на убавината“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива