Охрид, 25. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во издание на Општина Охрид деновиве од печат излезе книгата „Избрани песни/Selected poems“ на англиски јазик од Славе Ѓорѓо Димоски. Книгата содржи 100 песни објавени паралелно на македонски и на англиски јазик, а изборот и препевот ги направи Даниела Спироска.
Изборот е придружен со обемен есеј на Венко Андоновски во кој истакнува: „Славе Ѓорго Димоски (1959) е жив класик на современата македонска поезија. Тој е еден од малкуте денешни врвови на македонската поетска картографија, еден вид максимална поетска константа, уште од своето јавување во македонската поезија, во 1979 година.
Веќе четири децении е незамисливо да се состави антологија на македонската поезија без неговото име, како што е тоа неможно и без имињата на неговите славни претходници: Анте Поповски, Радован Павловски, Петре М. Андреевски или Михаил Ренџов. Тој е своја и сосема јасно светла, топла ѕвезда во соѕвездието на македонската поезија, соѕвездие кое големиот поет Анте Поповски често знаеше да го именува како Менделеев елемент македониум, духовен елемент (производ на неговата поетска фикција) кој според него ја дефинира суштината на македонското битие…
За една поезија обично се вели дека е голема, и со тоа, по творештвото на Блаже Конески се согласни речиси сите, ако е едноставна. Се чини дека ’инфантилизацијата‘ на јазикот, силно изразена кај Димоски, е едно од можните решенија за едноставна песна. Поетот говори големи нешта со лесни, едноставни зборови. Зборови на примордијалната, првобитна, детска свежина на перципирање на светот“.
Оваа е четврта книга на Славе Ѓорѓо Димоски на англиски јазик, а уште осумнаесет му се преведени на повеќе јазици, како српски, словенечки, полски, азерски, монголски, руски, бугарски и други. (Крај)
извор: Слободен печат фото: Слободен печат