Скопје/Охрид, 26. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – По вонредните засилени контроли кои Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ги спроведе во туристичките центри во земјава, покрај редовните контроли, инспекциските служби на АХВ продолжуваат со спроведување на засилени контроли на целата територија на државава.
Во моментов, како што информираат од АХВ, во тек е спроведување на вонредни контроли во угостителските објекти во целата земја.
Инспекциските служби на АХВ во петокот спроведоа надзор и во месарница во Охрид. Поради нечитка декларација и пласирање на небезбеден производ на пазарот, нештетно се уништени 10,7 килограми смеса од мелено месо. На правното лице изречена му е глоба од 1.000 евра, а на одговорното лице во правното лице дополнителни 400 евра казна во денарска противвредност.
Според агенцијата, покрај вонредните засилени контроли, инспекциските служби на АХВ продолжуваат со
спроведување и на редовните контроли согласно Годишниот план.
Во првите 6 месеци од годинава во внатрешниот промет спроведени се 24.335 инспекциски контроли. Изречени биле вкупно 2.433 инспекциски мерки а уништени се 37,6 тони и 13.654 литри небезбедна храна. (Крај)
извор: АХВ фото: архива