Охрид, 27. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Нивото на водата во Охридското Езеро и понатаму е под просекот за овој период од годината.
Според денешните мерења на Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР), нивото е на кота од 693,31 м.н.в што е за 15 сантиметри под просекот за август (693,46 м.н.в) и за 21 сантиметар над минимално дозволената кота (693,10 м.н.в).
Езерското ниво од почетокот на август е во постојан пад. Досега е намалено за десетина сантиметри. Кон ова придонесоа периодите без врнежи, но и црпењето езерска вода за гаснење на пожарите што беснееа на планината Галичица.
Во Охрид денес сончево и топло време со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. UV индексот ќе биде 7, а максималната температура ќе се искачи до 30. степени.
– Денеска краткотрајно ќе биде постабилно со услови за краткотраен дожд во планините на северозапад. Во среда нестабилно ќе биде претежно во северозападните делови од земјата, а повеќе услови за нестабилност ќе има од четврток кога на повеќе места ќе има појава на пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Дневната температура ќе биде во постепено опаѓање, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи на Република Македонија (УХМР). (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/УХМР