Избор Култура Охрид ТОП ВЕСТИ

Во Охрид се одржа првата Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница, „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“

Охрид, 27. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ), во соработка со Пекиншкиот јазичен универзитет, од 24-ти до 26-ти август, во Куќата на Уранија во Охрид, се одржа првата Македонско-кинеска поетско-преведувачка работилница, годинава тематски насловена како „Поезијата во превод меѓу цивилизациите“.

– На настанот учествуваа повеќе реномирани поети, синолози и книжевни преведувачи од Македонија и Кина. Од македонските поети и книжевни научници што зедоа удел во оваа работилница, ќе ги издвоиме: Катица Ќулавкова, Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Владимир Мартиновски, Наташа Сарџоска, Андреј Ал-Асади, додека современата кинеска поетска сцена беше претставена од Чжао Си’, Ли Суо, Аку Вуву, Лју Јуе, Минг Ди и ‘Ши Чуан, кој воедно со своето творештво се претстави и на манифестацијата Мостови на годинешеново издание на Струшките вечери на поезијата. Во работата на овој настан учествуваа и синолозите и препејувачи Игор Радев, Сара Цветановска и Елена Дамјаноска, но и наши истакнати препејувачи од други јазици, како што е Милан Дамјаноски. Работилницата се состоеше од сесии на заемно преведување и анализирање на поезија, како и отворени дебати на теми сврзани со проблемите и предизвиците на поетското творештво и превод во интеркултурен контекст, какви што беа: „Поезијата како ,производ за превод‘: Автентичноста на поезијата на ,Другиот‘ во епохата на глобалната доминација на англискиот јазик“; „Може ли да се препознае ,голема‘ поезија ако е творена на ,мал‘ јазик: Перцептибилноста на поезијата на малите говорни подрачја“; „Културната различност при поетскиот превод: Помеѓу Сцилата на егзотицизирањето и Харибдата на нивелирањето“, информираат организаторите.

Предвидено е резултатите на годинешнава Работилница да бидат објавени како посебно тројазично издание (македонско, кинеско и англиско), во кое ќе бидат поместени песните во заемен превод на македонските и кинеските поети, придружени со анализи и соодветен критички апарат. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука