август 28, 2024

Охрид, 28. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Малку надвор од стилот по кој го препознавате, Хип хоп артистот Горан Јанкуловски, попознат како Стиховен Калибар го објави новиот сингл „Магдалена“.

Овој пат, заедно со Ристо Водолија, тој влегува во сосема нови музички води за него и стил кој многу повеќе се поврзува токму со групата „Водолија“.

Музиката за „Магдалена“ е дело на Ристо Апостолов, кој се погрижи и за гитарските и бас деловите, а вокалот и текстот се на Горан Јанкуловски – Стиховен Калибар.

Стиховен Калибар (Горан Јанкуловски) е хип-хоп артист и афористичар од Скопје. Започнува да се занимава со хип-хоп музика во 1995 година кога ги прави првите чекори преку неколкуте демо снимки и како дел од првата група RHB Продукција за да продолжи понатаму и со соло кариера издавајќи го првиот неофицијален демо албум „Поинаква димензија” кој излегува на црниот пазар во 2001 година. Има остварено соработки со многу имиња од хип-хоп и останатите музички правци како што се Аго, Џака Накот, Dj Славе, Тонио Сан, Рок Агресори, Горан Трајкоски, Мијата, Културно Уметнички Работници, Георги Шарески, Јана Бурческа, Јордан Костов, Спирит Блоковски (Србија), Таргет (Хрватска), Стивен Драма и Биро (Србија), Фаст Флоуз (Србија), Брус Халтер (Србија), Бит Експериментс, Мичо Атанасиу, Видо, ФИСТ и други.

Зад себе има три албуми: „Ин медиас рес“ од 2007, „Последниот завет“ од 2011 и „Модерни робови“ од 2023 година.

Освен албумите, Стиховен калибар има објавено неколку книги, едната е „Збирка мудрости и афоризми“, другата со урбаната тематика, која се вика „Двоглед“ како и стихозбирката „Проклетници“, збирката афоризми „Стихија“, хаику книгата „Бог да ги бие кучињата касапски“ и збирката афоризми „Ни лук јал, ни ќебапи мирисал“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука