август 29, 2024

Охрид, 29. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Секојдневно поминуваме покрај бројни места кои ги кријат најубавите приказни, кои се сеќавање на едно друго време, каде се раѓале пријателства, нови љубови и таги, места кои будат толку емоции кај охриѓани.

Да го запознаеме Охрид за повеќе да го сакаме на OhridPress, каде ви ги пренесуваме приказните за дел од најубавите локации и приказни од древниот град.

ranohristijanska_bazilika_lokalitet_mancevci_galerija_2

Ранохристијанска базилика на локалитетот „Манчевци“

Локалитетот „Манчевци“ е делумно истражен во текот на 2007 година при што се отстранети два објекти. По извршените археолошки ископувања на овој археолошки локалитет во старото градско јадро на Охрид, констатирана е ранохристијанска базилика од која се откриени делови од северниот и централниот кораб, кога се истражени околу 200 м2. Се наоѓа во близина на катедралната црква „Света Софија“, на потегот кон Античкиот театар, во густо населен дел на стариот град и најверојатно се протега и под околните куќи.

ranohristijanska_bazilika_lokalitet_mancevci_galerija_3

Базиликата, која е една од деветте базилики во градот и потекнува од периодот на IV-V век од нашата ера, има прилично зачуван поден мозаик со декоративен аранжман што бил карактеристичен за IV и V век. Како особено значајно се издвојува мозаичното поле со донаторски натпис во кој се спомнуваат Тома и Јован кои веројатно го изградиле објектот. Исто така, беа откриени фрагменти од фреско-живопис во долните партии на ѕидовите. Во текот на археолошките ископувања откриени се и мошне значајни елементи и фрагменти од мермерна градежна и декоративна пластика.

ranohristijanska_bazilika_lokalitet_mancevci_galerija_5Проектотот за конзервација и презентација на откриените структури од базиликата, на локалитетот се одвиваше во континуитет неколку година по ред, а реализацијата на планираните активности ја спроведуваше НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј-Охрид. Во периодот од 2011 до 2013 година е извршена заштита од обрушување на земјените профили со изведба на потпорни ѕидови и нивно обложување со камен. При проектирањето на потпорните ѕидови се најде решение со кое не се нанесе оштетувања на мозаичниот под во централниот кораб на базиликата.

ranohristijanska_bazilika_lokalitet_mancevci_galerija_9

Со проектните решенија се извршија максимални реставраторски зафати, со вршење анастилоза на столбовите, и делумна реконструкција на некои елементи од носивата конструкција, за кои имаше веродостојни податоци. При конзервацијата се користеа автентични материјали, водејќи сметка за опусот на ѕидаријата.

ranohristijanska_bazilika_lokalitet_mancevci_galerija_12

Истовремено беа консолидирани зачуваните структури од базиликата, а за заштита на објектот од атмосферски води беа изведени натстрешници со лесна конструкција и покриени со транспарентни акрилни плочи. (Крај)

извор: muzejohrid.mk фото: muzejohrid.mk

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука