Скопје, 29. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Владата денеска ги смени условите и критериумите за субвенционирање на авиопревозниците кои, се очекува следната година, да донесат нови 200.000 патници во земјава, информира на денешната прес конференција министерот за транспорт и врски Александар Николоски.
Новите услови и критериуми ќе бидат применети од новиот повик за поддршка на авиопревозниците од македонските аеродроми кој ќе биде објавен следната недела, а ќе се однесува за периодот 2025-2027 година.
– Се менува критериумот за тоа кој авиопревозник ќе може да конкурира на огласот за добивање субвенции. Тие ќе треба да имаат превезено 5 милиони патници и да имаат 10 милиони евра профит во 2023 година што значи дека бараме појаки авиопревозници. Ќе се субвенционира по патник кој ќе влезе во земјава, а не патник кој од Македонија ќе патува надвор од земјата, бидејќи има само две можности да се субвенционира по превезен патник од или до земјата. Се трга обврската на авиопревозникот да ја одржува линијата колку што се добивала субвенцијата, што беше главна причина за намалување на бројот на патници од двата аеродрома. Нема да се субвенционираат авиокомпаниите туку дестинациите. Повикот ќе биде отворен за сите авиокомпании кои ги опслужуваат тие дестинации, со што ќе бидеме помалку зависни од една компанија. Во план е да се субвенционираат и дестинации надвор од Европа, на Блискиот и Далечниот Исток, како и од други региони, информира Николоски.
Покрај ова, како што рече Николоски, се зголемува износот на субвенцијата по патник.
– Од 7 евра по патник од Скопскиот аеродром на 9 евра, а од 4,5 евра по патник од Охридскиот аеродром на 12 евра, рече Николоски.
Министерот појасни дека овие мерки се донесени за да се подобри воздушниот сообраќај, бидејќи земјава од лидер во превозот во авиосообраќајот падна многу ниско во изминатите неколку години.
– Програмата за субвенционирање се зголемува на 375 милиони денари што е зголемување за 63 милиони денари, рече Николоски. (Крај)
извор: Плус инфо фото: архива