август 30, 2024

Охрид, 30. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните христијани денес го прославуваат денот посветен на Свети маченик Мирон, презвитер.

Бил свештеник во некое место во Ахаја, од богат и угледен род, по природа благ и кроток, богољубив и човекољубив. Во времето на царот Декиј, а на денот на Рождеството Христово, јурнаа незнабожците на црквата, го извлекоа Мирон од службата и го ставија на маки. При мачењето во огнот му се јави ангел Господов и го поткрепи.

Потоа почнаа да му ја сечат кожата на ленти, од главата до нозете. Маченикот дофати една од овие ленти од својата кожа и со нив го удри судијата-мачител в лице. Тогаш судијата Антипатар како да полуде, вон себеси, зеде меч и се уби самиот.

Најпосле Мирон го одведоа во градот Кизик и таму го погубија со меч, во 250 година.

Тропар

Презвитеру Христов Мироне, оној кој телото твое го соголи, не можеше на душата да и’ напакости, туку слава поголема во Божји очи ти вознесе. Ти, кој златна нарав човечка ја посрами, моли се животот наш да се смири и заштитени од Спасителевата благодат да се спасат нашите души. (Крај)

извор: mpc.org.mk фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука