Избор Култура Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Заврши 57-та Летна школа на Семинарот за македонски јазик

Охрид, 30. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Успешно заврши богатата програма на годинешното 57-мо издание Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ Скопје, што се одржа под мотото „Македонистички гордорек“.

По повод завршувањето на Летната школа 65 македонисти од 17 земји, кои зедоа учество, порачаа дека македонистичката мисија ќе расте, а посеаното македонистичко „семе“ ќе се умножува низ светот.

Од годинава новост е преселувањето на наставата на Летната школа од клупите на Конгресниот центар на УКИМ во повеќе локалитети и објекти на изворникот на сесловенската и македонска писменост и култура – градот Охрид и на поширокиот регион. Професорите д-р Димитар Пандев и д-р Кристина Николовска одржаа настава, наречена „По стапките на Свети Климента“, во култните спомен-куќи во стариот град и Спомен-куќата на Браќата Миладинови. Настава се одржа и во Свети Наум.

– Восхит предизвикаа кај семинаристите културно-историските екскурзии: стариот град Охрид, патување со брод до Свети Наум, екскурзија во Вевчани и посета на фестивалот Струшки вечери на поезијата. Беше одржана културно-уметничка програма на угледните уметници и научници на УКИМ проф. д-р Драган Даутовски и д-р Андријана Јаневска. Беа организирани промоции, средби со писатели и Преведувачка работилница, истакна директорката на Меѓународниот семинар проф. д-р Кристина Николовска.

Таа посочи и на поетските вечери „Ганева вечер“ и „Петрева вечер“, на која семинаристите ги изведуваа своите препеви на „река од јазици“.

– Од препевите се планира објавување два зборника: „Гане Тодоровски на недорек јазици“ и зборник „Петре М. Андреевски – на река од јазици“, кои ќе содржат и сеќавања „Кажувачки“, со цел да се зачува културното паметење, информираше Николовска.

Таа укажа и на одушевувањето на семинаристите, кое го предизвикаа „Чинговата вечер“, „Македонската поетска вечер“, „Слем поезијата“ и Курсот по македонски народни ора од АКУД „Мирче Ацев“.

На свеченото отворање на Летната школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура во Охрид, ректорката на УКИМ проф. д-р Биљана Ангелова истакна дека дејноста на Меѓународниот семинар низ неговата 57 годишна традиција и активност континуирано го афирмира македонскиот јазик како средство на духовна и жива активност.

– Дејноста на овој Семинар е висок приоритет на УКИМ, на кој се дава максимална поддршка и афирмација. Поаѓајќи од значењето на овој Семинар за македонистиката, Универзитетот и државата, 2024 година ја прогласивме за година на македонистиката, сметајќи дека значењето на овој семинар е многу пошироко, меѓународно, нагласи тогаш ректорката Ангелова.

Манифестацијата се одржа со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам. Дел од програмските активности се реализираа со поддршка од Општина Охрид и други поддржувачи. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука