Избор Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнува 51. Меѓународна научна конференција при УКИМ

Охрид, 30. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со свечено отворање во Конгресниот центар на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид, денеска започнува 51. Меѓународна научна конференција, на која ќе учествуваат 85 македонисти, филолози, слависти, балканолози, културолози, академици, емеритуси, раководители на Катедри на лекторатите, професори, научни истражувачи, лектори и преведувачи.

Конференцијата се одржува по повод: 150 години од раѓањето на Крсте Мисирков, 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски и 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски, а ќе се работи во две секции: јазична и литературно-културолошка.

Слоганот на конференцијата „75 за 75“ се однесува на „75 реферати за 75 години УКИМ“.

Меѓународна научна конференција се одржува веднаш по завршувањето на 57. Летна школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при УКИМ, која доживеа огромен успех.

По конференцијата, ќе следува публикување на Зборник предавања од 57. Летна школа и Зборник на трудови од 51. Меѓународна научна конференција. (Крај)

извор: Опсервер фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука