Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Министерот Тошковски од Џорџ Маршал безбедносниот форум во Охрид: Безбедносните предизвици ги надминуваме во соработка со нашите партнери

Охрид, 31. август 2024 (ОХРИДПРЕС) – Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, денеска учествуваше на традиционалниот „Охридски безбедносен форум“ во организација на дипломираните студенти на Маршаловиот центар за безбедносни студии, а во соработка со Европскиот центар за безбедносни студии и амбасадите на САД и СР Германија.

Министерот Тошковски во обраќањето истакна дека заедничките евроатлански вредности се основен двигател на земјите од Западен Балкан во надминување на своите разлики и продолжување на својот пат кон евроатланска интеграција.

– Како членка на НАТО, безбедноста и стабилноста значително се унапредија како за нашата земја така и за целиот регион. Многу потесно соработуваме со сите наши соседи кои се членки на Алијансата и заеднички придонесуваме кон самото функционирање н развој на Алијансата, потенцираше меѓу другото министерот Тошковски.

Тошковски во обраќањето ги дефинираше главните безбедносни закани, трендови и предизвици со кои се соочува нашата земја како организираниот криминал и корупција, илегалната миграција, трговијата со луѓе, шверцот на мигранти…

– Илегалната миграција и различните форми на прекуграничен криминал се едни од нашите главни предизвици како министерство. Тука можам да ги спомнам и хибридните закани кои се регионални и глобални и преку неконвенционални акции, психолошки и сајбер напади, шпионажа, ширење на дезинформации чија цел е создавање на перцепција на несигурност и недоверба на граѓаните во демократските институции. Да се потсетиме на хибридните напади кои што ги имавме во 2022 и 2023 година на територија на целата држава, подвлече министерот Тошковски.

Тој истакна дека со цел да се намали можноста за ширење на лажни вести, шпекулации и паника, МВР во склоп на своите надлежности редовно ги информира граѓаните и во таа насока го подвлече фактот дека за 2024 година министерството за внатрешни работи достигна 95.7% индекс на активна транспарентност, што го става во најдобрите три владини институции во транспарентност и отчетност пред граѓаните.

На крај Тошковски ги спомна и останатите предизвици со кои се справува министерството како тероризмот, насилниот екстремизам и радикализам во сите свои форми – национален, политички и религиозен и подвлече дека останува посветено, заедно со другите земји од Западен Балкан и регионот и пошироко преку тесна соработка со сите меѓународни безбедносни институции да се бори во надминување на тие предизвици и обезбедување безбедност за сите свои граѓани. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука