Избор ОБРАЗОВАНИЕ Охрид ТОП ВЕСТИ

Започнуваат уписите за есенскиот циклус на програмата „Полетарче“

Охрид, 2. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Охридскиот Црвен крст започнува со уписи за есенскиот циклус на програмата „Полетарче“, за деца на возраст од 3 до 5 години.

– Преку игра, забава и дружење, децата ќе ја развиваат и јакнат самодовербата, ќе стекнуваат вештини важни за успешно извршување на училишните задачи преку креативни вежби за броење, помнење и концентрација, вежби за размислување, вежби на графомоторика, вежби на фина моторика, вежби за осознавање и разбирање на просторните и временските односи, вежби за говорот и речникот, јазична и математичка писменост, социо-емоционални вежби, вежби за насочување и одржување на вниманието и друго. Вежбите се приспособени на возраста на детето и преку нив детето станува свесно за своите способности, се поддржува да не се откажува при правењето грешки и да има храброст да биде креативно.
Планирани се и најразлични теренски работилници на кои дечињата ќе го запознаат со многу корисни спортски содржини, со училишното опкружување и снаоѓање во сообраќајот и др., информираат од Црвен крст Охрид.

Додаваат дека есенскиот циклус од програмата трае 3 месеци со изведување на вкупно 12 часови, по еден час седмично, во траење од 45 минути.

Сите заинтересирани можат да се информираат и пријават на телефоните 046/261-909 или 072/246-175, на е-маил: ohrid@redcross.org.mk, или во просториите на Црвен крст Охрид, започнувајќи од 2-ри септември 2024 година, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот, а детални информации за оваа програма, заинтересираните ќе можат да добијат на отворениот ден за програмата „Полетарче“, кој ќе се реализира во вторник, на 10-ти септември 2024 година во просториите на Црвен крст Охрид. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука