Прилеп/Охрид, 4. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Околу 200 пожарникари, припадници на Армијата, полицајци, вработени во „Национални шуми“, но и локално население учествуваат во гасењето на пожарот во Мариово, најави директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов, откако пожарот кај Мариово ескалираше, зафаќајќи ја линијата на огнот над 20 километри.
Потребата од повеќе човечки ресурси и воздушна поддршка за гасењето на големиот пожар била констатирана на синоќешната седница на општинскиот кризен штаб во Прилеп.
– Во гаснењето ќе учествуваат околу 200 професионалци. За рано наутро се договорени повеќе мерки, меѓу другото: ќе бидат вклучени 70 припадници на АРМ, 25 припадници на специјалната полиција, 40 вработени во ЈП „Национални шуми“ и повеќе од 60 пожарникари од повеќе градови. На терен ќе има вкупно 195 лица, припадници на АРМ, пожарникари, од специјалната полиција. Покрај прилепските, се ангажирани и пожарникари од Кавадарци, Охрид, Битола, Ресен, Новаци, од Могила, Кочани, Радовиш, Свети Николе, Струмица и од Штип. Ако има потреба, изутрина ќе се повикаат други пожарникари, изјави синоќа директорот на ЦУК.
Според синоќешниот извештај на Ангелов, во пожарот е зафатена нискостеблеста шума, а огнот влегол и во борова шума. Ниту еден објект, ниту манастирот „Свети Илија“, како што рече, не е во опасност. (Крај)
извор: 360 Степени фото: 360 Степени