Охрид, 4. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со почетокот на септември продолжија активносите за уредување на просторот на ридот кај „Горица“ каде своевремено беше најавена изградба на хотел од познат бренд.
Почетокот на изградбата беше повеќе пати одложуван. Скоро десет години остана само ветување хотелот кој требаше да се гради на една од најатрактивните локации на охридското крајбрежје. На парцела од околу 7.000 метри квадратни, веднаш до хотелот „Инекс Горица“ најавена беше градба на нов луксузен хотел од страна на домашната компанија „Дивелоп груп“. Неофицијално, објектот треба да располага со 50 соби и 120 легла. Планирано беше вложување на околу 12 милиони евра, а првичните информации тогаш зборуваа дека хотелот ќе биде дел од меѓународниот ланец на хотели „Small Luxury Hotels“, кој е присутен во преку 70 земји од светот со над 500 хотели.
Националната комисија на УНЕСКО во мај годинава одржа седница на која беше разгледана актуелната состојба со изградба на хотелски комплекс на туристичкиот локалитет „Горица“ во Охрид. Членовите на Комисијата донеле заклучоци со барања до Општина Охрид, како надлежен орган, за доставување на целокупната документација околу изградба на предметната локација.
Проект за изградба на предметната локација не е доставен до надлежните институции од културата бидејќи во тој период не беше донесен План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. По донесување на План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион не е доставен проектот ниту до Комисијата за управување со природно и културно наследство на Охридскиот Регион ниту до НУ Завод и Музеј Охрид.
Од Министерството тогаш посочија дека по добивање на потребната документација и информациите од Општина Охрид, Националната комисија на УНЕСКО ќе се произнесе со свои заклучоци и препораки во однос на изградба на хотелски комплекс на „Горица“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес