Прилеп/Охрид, 4. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Преку 200 професионалци, припадници на Армијата на Република Македонија, специјалната полиција, од ЈП „Национални шуми“, пожарникари од повеќе градови во текот на целиот ден се на терен во Мариово да го стават под контрола и да го изгаснат големиот пожар кој е активен веќе четврти ден.
Горат нискостеблести растенија, но има зафатено и борови. Прилепскиот општински Кризен штаб ги координира акциите. Жителите на мариовското село Бонче поминаа неизвесна ноќ. Во опасност им беа имотите, ама пожарникарите помогнаа и не дозволија да има штети.
Од изутрината околу селото се распоредени пожарникари од ТППЕ Охрид.
– Од 06:00 часот изутрината сме на терен околу селото. Го штитиме тој дел, и веќе е ставен под контрола. Се надеваме дека пожарот довечер ќе го изгаснеме, рече Борко Јанкулоски командир на ТППЕ Охрид.
Според директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов кој беше на теренот во Мариово, делови од пожарот се изгаснати, но со топлото време се разгорува онаму каде преку нуќта огнот се стишил.
– Интервенцијата од воздух, посебно во претпладневните часови беше оневозможена поради густиот чад. Се надеваме дека ќе им, а погодни временски прилики за интервенција со хеликоптер и ЕР трактор. Горат нискостеблести растенија, но има зафатено борови стебла иако не многу. Сега огнената линија не е како вчера екстремна од преку 20 километри. На помош имаме огромен број ресурси од целата земја, рече Ангелов. (Крај)
извор: ПлусИнфо фото: архива