Охрид, 4. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Со нова дограма и поправена фасада во насока на подобра изолација и заштеда на електрична енергија, привршува санацијата на надворешниот дел на објектот „Маларична“ во Охрид.
Објектот веќе има комплетно нов изглед и нуди подобри услови за пациентите, но и подобрени услови за работа на вработените.
Според одговорните лица, станува збор за зафати вредни околу 3 милиони денари, кои се обезбедени од сопствени средства на Здравствен дом Охрид.
Од ЈЗУ „Здравствен дом“ Охрид неодамна за Супер радио и OhridPress изјавија дека покрај тоа во внатрешноста на објектот ќе биде поставен PVC под, ќе се прави енергетски ефикасна фасада, со бекатон плочки ќе биде поплочен паркингот, а во насока на заштита на амбулантните возила ќе се направат и шест настрешници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес