Охрид, 4. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Членовите на култната македонска поп-рок група „Меморија“ го најавуваат големиот солистички концерт закажан за 16-ти ноември 2024 година во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје.
– Огнот кој се’ уште силно гори. Концерт по повод „Меморија – 40 години постоење“. Како со временска машина настапот на Меморија ќе ве врати во едни поубави и безгрижни времиња. Концертот кој ќе се одржи на 16-ти ноември 2024 година во Арената „Борис Трајковски“, ветува убава енергија, уникатна сценографија проследена со врвна сценска техника. Вратите ги отвораме во 19:30 часот. Очекувајте многу изненадувања, гости од македонската естрада и неповторлива забава со македонски хитови за сите генерации. Се гледаме, порачаа од групата.
Во сегашниот состав на Меморија се Апостол Икономов (вокал), Рубин Димкоски (гитара), Давор Јордановски (клавијатури), Сашо Ангелов (тапани) и Петар Георгиевски Камиказа (бас).
Од „Меморија“ неодамна најавија и нов албум кој треба да излезе пред Нова година, а на кој ќе се најде рок баладата „За тебе“ и новата обработка во која се испреплетуваат рефрени на четири познати македонски народни песни. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива