Скопје, 5. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Владата на Република Македонија го објави јавниот повик за доделување пари на општините за инфраструктурни и капитални проекти за развој на општините, соопштија премиерот Христијан Мицкоски и министерот за локална самоуправа Златко Перински на денешната заедничка прес-конференција.
Владата вкупно планира да одвои 250 милиони евра, а со денешниот прв јавен повик се ставаат на располагање 100 милиони евра.
– Свесен сум дека голем дел од општините се соочуваат со вистински потреби за развој на инфраструктурни проекти и капитални инвестиции, рече Мицкоски.
Општините, како што рече министерот Перински, може да аплицираат со еден или повеќе инфраструктурни проекти од областа на културата, спортот, животната средина, патната инфраструктура, како и од областа на социјалната политика и образованието.
Тој појасни дека рокот за повикот објавен денеска (5-ти септември) е седум дена во кои општините може да ја пополнат апликацијата и заедно со предлог-проектите да ги достават до Министерството. Потоа, ќе имаат уште десет дена за да ја достават целосната документација, а извршната власт (министерствата) ќе врши евалуација на проектите и ќе достави предлог-одлука до Владата кои од проектите да се финансираат. Парите ќе се делат преку шест министерства: за култура и туризам, за транспорт, за социјална политика, за образование и наука, за животна средина и за спорт.
– За следење на целиот процес, формирано е владино координативно тело, кое што ќе го предводи Министерството за локална самоуправа и во истото ќе членуваат претставници од сите ресорни министерства, рече Перински. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес