Охрид, 7. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Виолета Петкоска, наставник по одделенска настава во ООУ „Кочо Рацин“ во Охрид го доби признанието Просветен работник на годината за учебната 2023/2024 година.
Одлуката е донесена врз основа на одредбите од Статутот на Сојузот на просветните работници на Република Македонија на последната седница која се одржа во четвртокот, на 5-ти септември 2024 година.
– Како дете на родители – учители и талентот Божји, работам посветено со многу љубов и труд во охридските училишта. Последниве 23 години работам во ООУ „Кочо Рацин“ каде ги подучувам најмилите на возраст од 6 до 10 години, покажувајќи чист образ, чест, труд, смиреност, упорност, надеж, верба, истрајност како трајни вредности и пример за децата. Постојано се усовршам во професијата, учиме едни од други, соработуваме, развиваме натреварувачки дух. Освоивме бројни награди на општинско, регионално и светско ниво, а за прв пат добиваме и државно признание, што се добива еднаш во работниот век, вели Петкоска.
За остварувања во образованието, како наставник, едукатор, креатор на иновативни идеи и реализатор на повеќе проекти со меѓународна верификација, во 2019 година, Петкоска ја доби Повелбата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“.
Покрај Петкоска, признание освои и Роза Костеска, воспитувач во ЈУОДГ „Јасна Ристеска“ од Охрид во категоријата воспитувачи од предучилишно образование. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива