ИЗБОР НА УРЕДНИКОТ Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Ден на независноста на Република Македонија – 8-ми Септември

Охрид, 8. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Република Македонија денес го одбележува Денот на независноста, 8-ми Септември, 33 години од сувереноста, независноста и самостојноста на Македонија и македонскиот народ.

Референдумот во Македонија се одржа во предвечерјето на распадот на СФРЈ на 8-ми септември 1991 година. Врз основа на плебисцитот од декември 1990 година на кој словенечкиот народ со уверливо мнозинство се определи за градење суверена држава и Декларацијата за независност, на 24-ти јуни следната година Словенија прогласи независност. Веднаш по тој чин дојде до оружени конфликти меѓу ЈНА и словенечката територијална одбрана. Воениот судир заврши за триесетина дена со Брионската декларација и повлекувањето на единиците на ЈНА од Словенија во Србија и во БиХ.

На 8-ми септември 1991 година убедливо мнозинство од 95% од граѓаните што излегоа на референдумот, позитивно одговорија на референдумско прашање: „Дали сте за самостојна Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“?

На гласањето, според официјалните податоци, од 1.495.626 гласачи излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас или 71,85 отсто, а од вкупниот број граѓани кои гласале на Референдумот позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,09 отсто (односно 72,16 % од вкупниот број на граѓани со право на глас). Резултатите само по себе говорат за успешноста на Референдумот. Во официјалниот извештај на Комисијата за спроведување на Референдумот се вели дека за начинот на кој беше спроведен не беа поднесени приговори или жалби поради неправилности или повреди на одредбите на Законот за републички Референдум. Комисијата ја констатира масовноста на граѓаните со право на глас во Македонија кои се изјасниле „За” самостојна и суверена Македонија.

На референдумот му претходеше Декларација за независност што првиот повеќепартиски Македонски парламент ја усвои на 25-ти јануари 1991 година. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука