Економија Избор Македонија Охрид ТОП ВЕСТИ

Само половина од домаќинствата ќе ги добијат субвенциите за клими, во Охрид вредноста на ваучерите е по 25.000 денари

Скопје/Охрид, 9. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Граѓани кои аплицирале уште пред девет месеци се жалат дека пред прагот на грејната сезона, немаат информација до каде е процедурата за доделување на ваучерите за кои претходната Влада определи буџет од 4,1 милиони евра.

– Ќе се доделат 8.000 ваучери, но сега преку новото Министерство за енергетика, објави „Радио Слободна Европа“.

Граѓаните ќе добијат ваучери за клими инвертери, ама не се знае кога, иако документи за оваа мерка поднесуваа уште во февруари, а крајниот рок да ги вградат климите е 30-ти ноември. За овие ваучери, за кои претходната Влада на Министерството за економија му определи буџет од 4,1 милиони евра, има рекордни 18.805 барања, два пати повеќе од бројот на ваучери што ќе се доделат.

Вредноста на ваучерите е по 25.000 денари по домаќинство за општините во пелагонискиот (Битола, Демир Хисар, Кривогаштани, Крушево, Могила, Прилеп, Ресен, Новаци, Долнени) и југозападниот регион (Вевчани, Дебар, Дебрца, Кичево, Македонски Брод, Охрид, Пласница, Струга, Центар Жупа), и по 23.000 денари за општините во скопскиот, источниот, југоисточниот, североисточниот, вардарскиот и полошкиот регион.

Според информациите на Радио Слободна Европа, застојот, делумно е поради изборите што во Република Македонија се одржаа во април и во мај, а делумно и поради реорганизацијата на министерствата во новата Влада. (Крај)

извор: РСЕ фото: архива

@OhridPress - Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука