Скопје/Охрид, 11. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Од понеделник, 16-ти септември, граѓаните ќе можат од аптеките бесплатно да ги земат новите лекови кои сега се ставени на позитивната листа на лекови, по 10 години од последното ажурирање на листата во 2014 година, кога беше „збогатена“ со само еден нов лек.
На листата се додадени девет нови генерици, а тоа се 87 лекови во различни имиња и форми. Тоа се лекови за висок крвен притисок, за срцеви заболувања, анти-агреганси, лекови за третман на депресија и за деменција, односно – за некои од најчестите болести меѓу населението, како што претходно информираа од Фондот за здравствено осигурување (ФЗОРСМ).
– Тоа се лекови што ги користи секој втор човек над 60 години. Мислам дека тоа ќе биде значително намалување на процентот на пациенти кои приватно плаќаат за лекови, рече министерот за здравство, Арбен Таравари.
Која било доза од деветте генерички лекови од кој било производител, за пациентите ќе ја покрива Фондот за здравство. (Крај)
извор: РСЕ фото: архива