Скопје/Охрид, 11. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Во текот на 2024 година, а заклучно со 8-ми септември, регистрирани се вкупно 1.503 заболени и 16 починати лица од Covid-19.
– Во август е регистрирано зголемување за 3,3 пати во однос на претходниот месец. Во првата недела од септември, пак, регистрирани се 111 заболени лица, информираат од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Иако здравствените власти препорачуваат исклучиво вакцинација како специфична превентивна мерка, и иако министерот за здравство Арбен Таравари на 26-ти август најави набавка на 11.000 вакцини, достапни вакцини за граѓаните во јавните здравствени установи сè уште нема.
Од Министерството за здравство немаат одговор на прашањето од кој производител ќе бидат набавени вакцините и кога ќе бидат на располагање.
Од појавата на првиот случај на Covid-19 во Република Макеоднија, на 26-ти февруари 2020 година, а заклучно со 8-ми септември годинава, пријавени се вкупно 351.819 заболени и 9.995 починати лица како последица на вирусот. Најголем дел од заболените се регистрирани во Скопје, Битола и Куманово, а највисок морбидитет е регистриран во Кавадарци. Највисок морталитет се регистрира во Охрид, Кавадарци и Прилеп. Највисок леталитет се регистрира во Струга и Крива Паланка.
– Се препорачува следење на основните мерки за превенција на Covid-19 и останати респираторни заразни заболувања. Вакцинацијата останува специфична превентивна мерка обезбедувајќи заштита од тешки форми на болест, иако овој заштитен ефект со тек на време се намалува. Продолжува препораката за вакцинацијата на лицата со висок ризик од тешки форми на болест и лош исход (како што се повозрасните лица), наведено е во извештајот на ИЈЗ. (Крај)
извор: Мета фото: ОхридПрес