Охрид, 12. септември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Црвен крст Охрид ќе го одбележи Светскиот ден на првата помош, ден за промовирање на знаењата и вештините за првата помош, со акцент на спортските активности.
Секоја година на милиони луѓе им е нанесена повреда или им е одземен животот поради несоодветен одговор или недостаток на навремено укажана прва помош. Ситуацијата би можела значително да се промени доколку повеќе луѓе се свесни за значењето и правилно се обучени за укажување на прва помош. Поседувањето на вештини за укажување на прва помош ги зголемува индивидуалните капацитите на секој човек за преземеање на брза акција со цел намалување или стабилизирање на сериозни повреди и ги зголемува шансите за преживување на повредениот.
– Спортот не е само извор на радост и забава, туку арена каде што поединците ги предизвикуваат своите физички граници, поттикнуваат другарство и промовираат вклученост во заедницата. Динамичната природа на спортот ги изложува поединците на различни ризици и повреди, вклучително и исчашувања, фрактури, потрес на мозок и многу други повреди. Оваа тема ја нагласува критичната улога што може да ја има првата помош во спортските средини обезбедувајќи ја безбедноста и благосостојбата на спортистите, гледачите и заедниците ширум светот. Темата на овогодинешниот Светскиот ден за Прва помош е „Прва помош и спортски активности – подготви се и укажи помош“, информираат од Црвен крст Охрид.
Ќе се одбележи на Градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“, во сабота, на 14-ти септември 2024 година, каде во периодот од 11:00 до 13:00 часот, тимовите за прва помош на Црвен крст Охрид ќе презентираат знаења и техники за укажување прва помош при различни повреди на спортски натпревари, тренинзи.
На овој ден својата хуманост ќе можат да ја искажат и граѓаните кои имаат желба и потреба да даруваат крв на крводарителската акција која под мотото „Дајте крв! Разубавете го денот себе си и на другите!“ ќе се одржи во Центарот за култура „Григор Прличев“ од 10:00 до 14:00 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива